Зеленски: Во руските ракети и дронови пронајдени 100.000 западни компоненти

Повеќе од 100.000 компоненти од западно производство биле откриени во дроновите и ракетите што Русија ги лансирала врз Украина во ноќта меѓу саботата и недела, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Овој податок ја нагласува континуираната присутност на западната технологија во руското оружје, и покрај годините санкции.

Руските сили лансирале околу 500 дронови и повеќе од 50 ракети во напад од големи размери врз Украина во кој цели биле населбите низ целата земја, вклучувајќи и оние далеку од фронтот. Во нападот беа убиени најмалку шест лица, меѓу кои и цело четиричлено семејство, а уште 18 се повредени.

Според Зеленски, дроновите содржеле 100.688 компоненти од странско производство. Околу 1.500 странски компоненти биле пронајдени во ракетите „Искандер“, 192 во балистичките ракети „Кинжал“ и 405 во крстосувачките ракети „Калибр“, пренесува Киев Индепендент.